Гласање недоверба на Влада во грчкиот Парламент

Снежната бура во Грција

Грчките пратеници вечерва ќе треба да гласаат за предлогот на опозициската Сириза за недоверба на Владата. Се очекува овој предлог да не помине со оглед на тоа дека Нова демократија има 157 пратеници, шест повеќе од минималната граница за парламентарно мнозинство.

Тридневната расправа за предлогот започна во петокот попладне, а вечерва треба да заврши со обраќањата на претседателите на партиите и на грчкиот премиер, по што ќе следи гласањето.

Жестоката дискусија меѓу лидерот на Сириза и премиерот настана околу проблемите со справувањето со снежната бура. Лидерот на Сириза Алексис Ципрас, порача дека извинувањето на Владата е лицемерно, побара да се објави записникот од состаноците и надлежните да кажат каде згрешиле.

„Кога се извинувате, ќе објасните зошто се извинувате. Ако ја префрлате одговорноста на другите, тогаш ова извинување, господине Мицотакис, е изговор, лицемерно е и ќе ви суди грчкиот народ. Во многу тешки моменти за мојата Влада презедов политичка одговорност и министри си поднесоа оставки. Тогаш велевте дека нема политичка одговорност без оставки“, изјави Ципрас.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека преферира искрено извинување со самокритика, наспроти никакво извинување, ги спомена пожарите и поплавите во Атина за време на Владата на Сириза, велејќи дека тогаш, од Ципрас не слушнале извинување за 120 мртви.

Ципрас предложи гласање недоверба за владата на Мицотакис

Во однос на снежната бура и заглавените возила, повтори дека иако постоеле грешки, сепак најголемата одговорност ја има приватната компанија што управува со автопатот, а не државата.

„Што се однесува на прашањето со снегот, сакам да ви кажам дека ниту еден метеоролог не го предвиде обемот на снег што падна во центарот на Атина. И за разлика од други снежни бури, снегот паѓаше напладне, обично паѓа ноќе, а ниту еден метеоролог не предвиде дека ќе падне половина метар во центарот на Атина и во северните предградија,“ изјави Мицотакис.