Бугарското министерство за надворешни работи изрази загриженост за како што вели во соопштението, последните постапки на македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во него е посочено дека постапки на одредени функционери кои изнесуваат негативни ставови во јавноста и кои се во спротивност со позитивната клима создадена од активните напори на владите на Бугарија и Северна Македонија.
„Неколку дена по успешната заедничка средба на владите на двете земји, повторно сме сведоци на зголемување на тензиите во јавноста предизвикани од конкретни постапки на претседателот на Северна Македонија, кој се обидува да ги обнови темите кои се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Ваквите дејствија не придонесуваат за изнаоѓање решенија за политички прашања во насока на забрзување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија и на меѓусебна доверба“, се вели во соопштението.
До ова доаѓа по вчерашната средба на Пендаровски со претставници на ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија во претседателската вила Водно.
Пендаровски се сретна со претставници на македонските здруженија од Бугарија
Претставниците на здруженијата го информираа претседателот Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество, информираат вчера од кабинетот на шефот на државата.
Инаку Советот на Европа досега има донесено 14 пресуди поради одбивањето на Бугарија да ги регистрира здруженијата на Македонците што живеат таму. Но, ниту една од нив не е применета, а источниот сосед продолжува со одбивањето да го стори тоа, рече лани за Радио Слободна Европа копретседателот на ОМО Илинден Пирин Стојко Стојков. Тој вели дека пресудите ги добиваат од 2001 досега, но официјална Софија ги игнорира.
Бугарскиот премиер и минатата недела пред доаѓањето во Скопје кажа дека нема македонско малцинство во Бугарија и за такво малцинство не може да се зборува. Таа изјава веднаш предизвика жестока реакција од ОМО Илинден Пирин.