Во Брисел продолжи дијалогот меѓу Србија и Косово за регистарските таблички

Тензиите се зголемија на косовскиот граничен премин Мердаре со Србија на 20 септември, откако косовските власти спроведоа политика за отстранување на српските регистарски таблички од возилата што влегуваат во нивната земја.

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, навести дека постои можност делегациите на Србија и Косово да најдат решение за регистарските таблички на возилата.

„Дискусиите донесоа поголема јасност за потенцијалните опции и можните исходи. Ги охрабрувам да продолжат да работат на опциите со оглед на тоа што се приближува крајниот рок“, напиша Лајчак на Твитер.

Експертските делегации на Косово и Србија во Брисел го одржаа четвртиот состанок за регистарските таблички.

Договорот за формирање на оваа работна група беше постигнат на 30 септември 2021 година, во рамки на договорот за деескалација на ситуацијата на северот на Косово, што ги намали тензиите предизвикани од одлуката на косовската влада да воведе реципроцитетни мерки за возилата кои влегуваат од Србија.

Откако Косово на 20 септември ги воведе мерките кон Србија, локалните Срби две недели ги блокираа граничните премини на северот на Косово, Јариње и Брњак. Привремената спогодба постигната во Брисел, која сѐ уште е на сила, предвидува врз државните симболи на регистарските таблички да бидат лепени бели налепници.

Конечниот договор за ова прашање треба да биде постигнат најдоцна до април 2022 година.

Работните групи се составени од експерти од Белград, Приштина и Брисел.

Тие треба да дадат предлози за долгорочно решение за возилата кои влегуваат од Србија или од Косово.

Првиот состанок на експертите се одржа на 21 октомври. Нивниот мандат е најдоцна за шест месеци да ги претстават своите наоди пред лидерите на Србија и Косово.