Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Западот ја „игнорира“ безбедносната загриженост на Москва во врска со проширувањето на НАТО, додека Соединетите држави повторно ја повикаа Русија да ги повлече своите сили од областите во близина на границата на Украина поради постојаните стравувања дека зголемувањето на трупите е увертира за инвазија на нејзиниот западен сосед.
Путин на својот француски колега Емануел Макрон во телефонски разговор на 28 јануари, му рекол дека руската страна оваа недела „внимателно“ ќе ги проучи писмените одговори поднесени од Соединетите држави и НАТО во врска со барањата на Москва за безбедносни гаранции, „по што ќе одлучи за понатамошните акции“.
Русија бара безбедносни гаранции од Западот во замена за деескалација на кризата околу Украина, но САД и НАТО на 26 јануари ги отфрлија барањата на Москва.
НАТО, исто така, соопшти дека не може да се преговара за распоредувањето на војници и воена опрема во Источна Европа од страна на сојузниците.
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, говорејќи на форумот на Атлантскиот совет на 28 јануари, рече дека Алијансата е подготвена да го засили своето присуство во Источна Европа за да и ја докаже на Русија својата решителност во услови на украинската криза.
Столтенберг, сепак, истакна дека во овој момент „нема сигурност“ дека Русија планира да ја нападне Украина.
Претходно, на 28 јануари, американскиот амбасадор во Москва Џон Саливан рече дека Вашингтон сега чека одговор од Русија на нејзините писмени предлози излезот од украинската криза да се бара по дипломатски пат.