Американскиот претседател Џо Бајден и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ветија дека ќе соработуваат за гарантирањето на енергетската безбедност на Европа, како и на Украина во услови на тензии околу трупањето на руски војници во близина на украинската граница, пренесува Ројтерс.
„САД и ЕУ работат заедно за континуирано, доволно и навремено снабдување на ЕУ со природен гас од различни извори ширум светот, за да се избегнат шокови во снабдувањето, вклучително и оние што би можеле да произлезат од натамошната руска инвазија на Украина“, се вели во заедничката изјава.
Европа увезува речиси 40 отсто од гасот од Русија. Европската унија и САД почнаа да бараат дополнителни извори за снабдување на земјите од Европа, поради загриженоста дека Москва би можела да го користи гасот како оружје и да го наруши веќе намаленото снабдување.
Дополнителен спор предизвикува гасоводот Северен тек 2, кој треба да испорачува руски гас во Германија.
САД и се повеќе европски земји, вклучително и самата Германија, предупредуваат дека овој гасовод нема да почне да работи доколку Русија ја нападне Украина.