Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека воената алијанса е подготвена да го засили своето присуство во Источна Европа, за да спречи какво било недоразбирање од страна на Русија за нејзината решителност да го заштити регионот, во услови на трупање на војска од страна на Москва во областите во близина на границите и на Украина и на Белорусија.
Говорејќи на форумот на Атлантскиот совет на 28 јануари, шефот на НАТО рече дека Русија распоредува илјадници борбени трупи и воена опрема во Белорусија, која граничи со источното крило на НАТО, како и со Украина.
Западното разузнавање проценува дека повеќе од 100.000 руски војници се веќе преместени во пограничните региони со Украина, што според некои аналитичари може да биде увертира за руски упад во поранешната советска република.
Столтенберг истакна дека во овој момент „нема сигурност“ дека Русија планира да ја нападне Украина.