Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претставници на ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија. Претставниците на здруженијата го информираа претседателот Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество, информираат од кабинетот на шефот на државата.
„Во однос на дијалогот со Бугарија, претседателот Пендаровски оцени дека почнува нова фаза, а двете страни искажуваат волја во насока на напредок на процесот. Претседателот Пендаровски смета дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде свој придонес за решавање на отворените прашања. На средбата претседателот Пендаровски информираше дека наскоро ќе оствари официјална посета на Република Бугарија, каде ќе има разговори со претседателот Румен Радев“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека претседателот истакнал дека Република Северна Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година.
Инаку Советот на Европа досега има донесено 14 пресуди поради одбивањето на Бугарија да ги регистрира здруженијата на Македонците што живеат таму. Но, ниту една од нив не е применета, а источниот сосед продолжува со одбивањето да го стори тоа, рече лани за Радио Слободна Европа копретседателот на ОМО Илинден Пирин Стојко Стојков. Тој вели дека пресудите ги добиваат од 2001 досега, но официјална Софија ги игнорира.
Бугарскиот премиер Петков, кој денеска во тамошното собрание реферираше за развојот на односите со Скопје, како што пренесе бугарската агенција БГНЕС, рече дека оваа влада не би ја отворила вратата за темата за македонското малцинство, а дека ОМО Илинден е провокација и за новиот македонски премиер Димитар Ковачевски.
Бугарскиот премиер и минатата недела пред доаѓањето во Скопје кажа дека нема македонско малцинство во Бугарија и за такво малцинство не може да се зборува. Таа изјава веднаш предизвика жестока реакција од ОМО Илинден Пирин.
„Срамен почеток на мандатот на премиерот, на кого се полага толку многу надеж“, оценија од ОМО Илинден Пирин од каде што повлекоа паралела со политиките на комунистичкиот бугарски лидер Тодор Живков кој се смета за основополжник на ваквата политика на Софија кон македонското прашање.