Здружението на јавните обвинители во Република Северна Македонија најостро ги осудува последните закани упатени кон државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
„Заканите упатени кон него, како највисок во јавнообвинителската хиерархија, претставуваат закана кон целата институција и сите носители на јавно обвинителската функција. Ваквите закани од било каде и од било кого да доаѓаат, најблаго речено се нецивилизациски чин. Истите се во спротивност со сите меѓународни акти и востановени стандарди за функционирањето на Јавното обвинителство во секоја правна држава, се наведува во соопштението од Здружението на јавните обвинители.
Оттаму посочуваат дека Јавното обвинителство како институција има интегритет и сила, преку носителите на јавно обвинителската функција со правни средства да се бори против сите облици на криминалитет. Во изврешувањето на функцијата на кривично гонење на сторителите на кривични дела, никој и со никакви средства не може да го спречи Јавното обвинителство, а уште помалку да го поколеба во извршувањето на неговите уставни и законски надлежности.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вчера соопштија дека јавниот обвинител Љубомир Јовески добил закана по неговиот живот поради конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година. Заканата која била испратена преку препорачана пратка и напишана на македонски и на англиски јазик, како што велат од Обвинителството била од „терористичка организација која се бори и убива за неправда“.