Бугарија и Северна Македонија подготвуваат заедничкo чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Ова го соопшти бугарскиот премиер Кирил Петков на денешната седница на Собранието на Бугарија на која пред пратениците информираше за резултатите од меѓусебните посети на политичките делегации од двете земји, јавува бугарската државна агенција БТА.
Тоа би значело дека одбележувањето на раѓањето на Делчев ќе се одржи идниот петок на четврти февруари, датумот на кој е роден револуционерот. Тој долго време беше тема на разговори во заедничката мешовите комисија за историски и образовни прашања, а членовите не успеаа да усогласат заедничка препорака за него. Досега комисијата има препораки за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Петков и денеска повтори дека тие нема да ги менуваат членовите на нивниот дел од комисијата. Во македонскиот тим пак досега се сменети двајца членови.
Инаку бугарскиот премиер како позитивен факт ја оцени заедничката средба на двете влади и истакна дека постигнале значителен напредок во дијалогот на различни полиња споменувајќи ги трите потпишани меморандуми за земјоделство, мали и средни претпријатија и коридорот 8.
Тој истакна дека фокусот на средбите бил ставен и на правата на луѓето со бугарски идентитет во Република Северна Македонија, наведувајќи дека има политичка намера тие да бидат дел од Уставот, но без да се наведат конкретни рокови.
Новите премиери во двете земји Димитар Ковачевски и Петков најавија нов пристап во разговорите меѓу двете земји за деблокирање на македонските европски интеграции кои Бугарија ги блокираше во 2020 година поради нерешени билатерални прашања. Минатата недела Петков допатува во Скопје, а оваа недела Ковачевски ја предводеше македонската владина делегација која во Софија ја одржа заедничката седница на двете влади. Денеска за односите со Бугарија во македонското Собрание на седница на комисијата за надворешна политика ќе зборува министерот за надворешни работи Бујар Османи.