За денеска е закажана седница на собраниската Комисија за надворешна политика, на која се очекува и присуство на министерот за надворешни работи Бујар Османи, информира претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски. „Од Османи е побарано да ги презентира во писмена форма одговорите коишто Македонија во декември минатата година ги дала до официјална Софија на нивниот т.н. план „5+1“, за да бидеме запознаени како пратеници за што се работи и дали таквите одговори се совпаѓаат и се во рамките на усвоената Декларација од македонското Собрание каде утврдивме заеднички национални позиции“, изјави Милошоски, кој е пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за надворешни работи во вторникот потврди дека Османи ќе присуствува на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика. Во однос на прашањето за вклучувањето на Бугарите во Уставот, според Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ не смета дека „Уставот треба да биде монета за поткусурување во секое политичко недоразбирање“.