Не можам да кажам дека сто отсто ќе биде успешен овој втор циклус, но влегуваме чесно и посветено за да најдеме решение зашто европерспективата е важна за општиот прогрес, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи за новиот процес на преговори со Бугарија, за кој рече дека е динамизиран по меѓувладината седница во Софија која се одржа по три последователни избори во Бугарија, изборите кај нас и новите влади во двете земји.
Во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, Османи рече дека двете влади се договорија да почне нова динамика на процес со платформа за враќање на довербата преку честа комуникација и соработка. Тој појасни дека се поставени краткорочни циклуси и средби неделно – на 1 февруари средба ќе има економска група, на 7 февруари – групата за инфраструктура, за евроинтеграции на 14-ти и на 21 февруари образовната работна група. Секоја петта недела ќе се состанува и Комисијата за историски и образовни прашања, а по неколку месеци како пресек на нивната работа повторно ќе има заедничка седница на двете влади.
„Доколку нема договор, ќе останат истите предизвици. Нашите позиции се јасни. Преговараме над една година и искристализирани се позициите и од наша и од нивна страна. Мислам дека позициите се појасни по тоа што беше пред една година или шест месеци. Бевме со далечни позиции, сега имаме одредена рамка и се надевам ќе постигнеме одредено решение. Има повеќе разбирање за позициите на едниот и другиот. Ќе му дадеме шанса на процесот. Почнат е процесот на разговори и тековно ќе ја информираме јавноста“, рече шефот на дипломатијата.
Кажа дека за пакетот 5+1 досега многупати кажал и ништо не се крие, а тоа што не е претставен како документ, рече, е затоа што се работни верзии кои се разменуваат како нон-пејпери и дотогаш не се објавуваат.
„Во момент кога некоја формулација која е заеднички прифатлива за двете страни, прво ќе се информираат пратениците, претседателот и јавноста, па ќе се даде нашата одлука. Се поставува теза дека тајно се продаваат интереси, тоа не е така, системот на преговори не е поставен така. Граѓаните треба да бидат спокојни, опозицијата наметнува страв дека скришно се прави. Тоа не е точно, пред било која одлука, ќе бидат транспарентно информирани“, истакна Османи.
Османи утре ќе ги информира членовите на собраниската Комисија за надворешна комисија за текот на разговорите и севкупните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Седницата ќе биде отворена за јавноста, на негово барање, затоа што, рече, „нема што да криеме од граѓаните“.
Новите премиери во двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков најавија нов пристап во разговорите меѓу двете земји за деблокирање на македонските европски интеграции кои Бугарија ги блокираше во 2020 година. Минатата недела Петков допатува во Скопје, а оваа недела Ковачевски ја предводеше македонската владина делегација која во Софија ја одржа заедничката седница на двете влади.