Бугарија предлага да го чува македонското небо

Министерската за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска

Бугарија го обнови својот предлог за заштита на воздушниот простор на Северна Македонија, изјави министерката за надворешни работи на соседната земја Теодора Генчовска, а пренесува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Веста доаѓа во време на тензии поради трупањето руски војници во близина на границата со Украина и испраќањето на авиони на НАТО во Бугарија. Според најавите, кај источниот сосед се очекуваат да стигнат борбени авиони од Шпанија за да учествуваат во заеднички задачи за заштита на бугарскиот воздушен простор. Холандските воздухопловни сили, исто така, планираат да испратат два борбени авиони Ф-35 во Бугарија во април и мај како поддршка на мисијата за надгледување и контрола на воздушниот простор на НАТО во регионот на Црното Море.

Генчовска, исто така, рече дека Бугарија ги ажурирала своите планови за евакуација на бугарските граѓани од Украина, доколку е потребно.

„Ние и понудивме на Северна Македонија, во случај на потреба и на нивно барање, да го евакуира тимот и на нивната амбасада во Украина“, рече министерката Генчовска.

Идејата Бугарија да го чува воздушниот простор на Северна Македонија не е нова. Во 2019 година, претседателот Румен Радев рече дека „Бугарија не треба да ја пропушти историската можност да го заштити воздушниот простор на Република Северна Македонија“.

Земјава веќе има договор со Грција за чување на воздушниот простор. Во септември 2019 година министерствата за одбрана на двете земји го потпишаа техничкиот аранжман за надзор на воздушниот простор, а кој пороизле од договор за соработка во одбраната кој во април истата година го потпишаа тогашните министри за одбрана Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис.