Писма, оружје, вируси...
МАКЕДОНИЈА - Две писма со закани по живот добил државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој во изјава за РСЕ вели дека тие веќе се предадени во МВР со цел пронаоѓање на сторителот. Јовески вели дека заканите ги добил за кривичен предмет кој бил завршен во декември 2021 година, но веројатно сторителот не бил запознаен со тој факт. Заканата била испратена преку препорачана пратка од наводна терористичка организација која се бори и убива за неправда. Писмата биле напишана на два јазика, македонски и англиски јазик.
МАКЕДОНИЈА - Во историјата на Државната комисија за спречување на корупција за 20 години до Јавното обвинителството се доставени 165 иницијативи за кривично гонење, од кои само три дошле до суд, информира претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.
МАКЕДОНИЈА - Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) бара преиспитување на одлуката наставата во второто полугодие да почне со физичко присуство. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека во период кога во земјава расте процентот на новозаболени од КОВИД-19, доколку наставата почне со физичко присуство, постои реална можност вирусот многу побрзо да се шири.
РУСИЈА - Кремљ вели дека загриженоста на Русија за безбедносните гаранции не била земена предвид од страна на Соединетите Американски Држави во писмениот одговор кој го доставиле на неодамнешните барања на Москва, иако постои простор за продолжување на дијалогот со Вашингтон за ова прашање.
ХРВАТСКА - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска рече дека претседателот Зоран Милановиќ го уништува угледот и кредибилитетот на Хрватска, додавајќи дека Владата се оградува од неговите ставови за ситуацијата во Украина.
ГРЦИЈА - Лидерот на грчката опозициска партија Сириза, Алексис Ципрас достави предлог за гласање недоверба на Владата во Собранието. Тоа се случи за време на расправата во Парламентот за закон од Министерството за развој, кога Ципрас вонредно побара збор, упати остри критики и обвинувања до Владата, особено за справувањето со снежната бура и истакна дека вонредно бара збор за да достави предлог за гласање недоверба на, како што вели, најлошата Влада во земјата по падот на Хунтата.
ИНДИЈА - Индискиот премиер Нарендра Моди е домаќин на денешниот прв самит Индија-Централна Азија како дел од ангажманот на земјата со земјите од регионот. Министерството за надворешни работи соопшти дека претседателите на Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан ќе учествуваат на виртуелниот самит, опишан како прв ангажман од ваков вид меѓу Индија и земјите од Централна Азија на ниво на лидери.
КИНА / САД - Кина им порача на Соединетите држави дека сака да ги види сите инволвирани страни во Украина да останат смирени и да избегнуваат зголемување на тензиите. Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и американскиот државен секретар Ентони Блинкен телефонски разговараа за Украина доцна во средата.
СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореjа денеска истрелала две балистички ракети во морето, што е шестта ракетна проба во овој месец. Јужнокорејската војска соопшти дека балистичките ракети со краток дострел прелетале 190 километри и достигнале височина од 20 километри пред да паднат во Јапонското Море, познато и како Источно Море. Повеќекратните резолуции на ОН и забрануваат на Северна Кореjа која има нуклеарно оружје да тестира балистички ракети.
САД / РУСИЈА - Соединетите Држави го отфрлија барањето на Русија да го запре натамошното проширување на НАТО кон исток, но понудија како што го нарекоа сериозен дипломатски пат за да се реши жестоката конфронтација меѓу Москва и Западот во услови на засилување на руската војска во близина на Украина.