Пендаровски најави посета на бугарскиот колега Радев

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска најави дека во текот на следниот месец ќе оди во официјална посета на Бугарија. Во соопштението од неговиот кабинет е посочено дека тоа го договара со својот бугарски колега Румен Радев, а целта е двајцата да дадат позитивен придонес во надминувањето на спорот меѓу двете земји.

Пендаровски изјави дека стартот на новата фаза од билатералните односи е одличен, но далеку сме се уште, како што напомена, од подлабоко навлегување во процесот на решавање на проблемот и негово евентуално позитивно завршување.

„Ќе се обидам многу наскоро да дадам и личен придонес во процесот зашто мислам дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде контрибуција. За не повеќе од месец, планираме, договараме со мојот колега Радев официјална посета на Бугарија. Мојот став е дека двајцата претседатели мора да дадат позитивен придонес за успешно завршување на овој процес зашто тоа е стратегиски интерес на двете држави. Убеден сум дека Радев го дели моето мислење“, изјави Пендаровски на денешната тркалезна маса „ Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“.

Тој ја поздрави и новата методологија, но додаде дека сепак, се уште сме во иницијална фаза во која двете страни искажуваат добри желби како би сакале да се одвива процесот.

„Мислам дека станува збор за одличен почеток на оваа нова фаза од нашите билатерални односи. Има две нови влади, двајца нови премиери кои не доаѓаат од старата школа, се слуша нова реторика, се чувствува нова енергија, а има и нова методологија – нови работни групи, комисии, наместо лисабонските предлози. Но, морам кристално јасно да кажам, станува збор само за почеток, за иницијална фаза во која двете страни искажуваат добри желби како би сакале процесот да се одвива. Но, далеку сме од подлабоко навлегување во процесот и се уште многу далеку од негово евентуално позитивно завршување“ изјави Пендаровски.

Радев со Ковачевски разговарал за впишувањето на македонските Бугари во Уставот

Тој додаде дека во однос на проширувањето на ЕУ, поддршката кај граѓаните за овој процес се намалува, не само во земјава, туку и во целиот регион, а антизападната реторика во медиумите во целиот Западен Балкан е во неверојатен пораст и има тенденција да стане доминантна.

Според Пендаровски, ако земјава и годинава не ги почне преговорите со ЕУ, ќе комплетира 17 години чекање пред вратата со што значително ќе се приближи до неславниот рекорд на Турција.

Тој порача дека ЕУ нема ниту една рационална, стратешка или тактичка причина да се плаши од влегувањето на Западерн Балкан зашто и економскиот и демографскиот ефект на сите шест земји би бил далеку помал од влезот на која било друго држава што претходно станала член.