Русија денеска предупреди дека воведувањето санкции на претседателот Владимир Путин нема да му наштети лично, но дека тоа ќе биде „политички деструктивно“, пишува Ројтерс. Коментарот доаѓа откако претседателот на Соединетите Држави, Џо Бајден изјави дека ќе размисли за таков потег доколку Русија ја нападне Украина.
Бајден вчера рече дека личните санкции против Путин, може да се сметаат за дел од заедничките напори на САД и нивните сојузници да ја убедат Москва дека секоја нова агресија врз Украина ќе донесе брзи и огромни трошоци.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека американските конгресмени и сенаторите кои разговараа за личните санкции против руските највисоки лидери не знаеле за фактот дека законски им е забрането да чуваат приходи, средства и банкарски сметки во странство.
„Индивидуалните санкции против Путин не би биле болни за него (туку) политички деструктивни“, рече Песков, кој претходно изјави дека тие ќе претставуваат прекин на дипломатските односи.
Додека официјални лица од четири земји ги започнаа разговорите во Париз, Русија одржа нови воени вежби на копно и море и премести неколку падобранци и борбени авиони во Белорусија, северно од Украина, за како што соопшти, заеднички вежби таму следниот месец.
Украина соопшти дека Русија, која распореди десетици илјади војници во близина на нејзината граница, а негира дека има планови за инвазија, се обидува да сее паника. Министерот за надворешни работи Дмитриј Кулеба изјави дека Москва сè уште не собрала доволно сили за офанзива од големи размери, но тоа не значи дека тоа не може да го направи подоцна.