До крајот на неделава ќе се знае како ќе почне второто полугодие

Илустрација: Ученици во Скопје

До крајот на неделата на седница на Влада ќе биде донесена одлука дали наставата во второто полугодие од 1 февруари ќе почне со физичко присуство или онлајн, а МОН ќе има состаноци со надлежните во здравство, соопшти денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

„До крајот на неделата ќе имаме состаноци и пред почетокот на второто полугодие ќе се има и ставот на Комисијата за заразни болести и на Кризниот штаб. Ги имаме предвид и повиците од УНИЦЕФ, кое е за физичко присуство на настава, а и ние сите, и наставниот кадар, свесни сме за придобивките од физичкото присуство. И според податоците, во првото полугодие, имавме многу мал број на заразени деца. Нашата одлука ќе беше лесна ако ја имавме истата варијанта од вирусот како што беше во септември и октомври. Сега има нова варијанта, но и тоа не значи дека почетокот на второто полугодие со физичко присуство ќе го зголеми бројот на заразени“, изјави Шаќири.

Тој посочи дека градинките се постојано отворени, функционираат и други сектори, а за него како министер најважно е што децата одвај чекаат да почне учебната година.

Каква и да биде одлуката, рече тој, МОН ќе биде во постојана комуникација и секој ден ќе има средби со директорите на основните и на средните училишта ако наставата биде со физичко присуство.

Поради влошената епидемиoлошка состојба и проценката дека земјата се наоѓа на врвот на КОВИД-заразата, Владата на седница на 17 јануари донесе одлука за одложување на второто полугодие кое наместо на 20 јануари треба да почне на 1 февруари.

Одлуката за продолжениот зимски распуст за околу 255 илјади ученици Владата ја донесе по препорака на Главниот координативен кризен штаб, а на наредната седница го утврди и бројот на наставни денови во вонредни околности со кои учебната 2021/2022 година ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022.