Високи цени
САД / ФРАНЦИЈА / ГЕРМАНИЈА - САД и Европа се подготвени да воведат масивни санкции и контрола на извозот во Русија со цел да го одврати Кремљ од потенцијален напад на Украина, изјавија високи претставници на американската администрација. И францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека Русија ќе плати многу висока цена доколку ја нападне Украина, инсистирајќи дека Париз е обединет со Берлин за потребата од деескалација.
МАКЕДОНИЈА / РУСИЈА - Руската амбасада во Македонија денеска соопшти дека со изненадување се запознале со изјавите дадени последниве денови од министерката за одбрана Славјанка Петровска. Реакцијата, како што појаснуваат од амбасадата, се однесува на изјавите на Петровска за поставувањето на вооружените сили од страна на Руската Федерација што е провокативно и има дестабилизирачко дејствување (интервју за ТВ24 од 23 јануари) и изготвување на анализи за можностите за потенцијално учество на Армијата на РСМ во случај на руската инвазија на Украина (интервју за ТВ Телма од 24 јануари).
БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Бугарскиот претседател Румен Радев, како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, му порачал на македонскиот премиер Димитар Ковачевски дека впишувањето на македонските Бугари во Уставот на Северна Македонија, гарантирањето на нивната рамноправност, со другите народи во земјата, ќе даде поттик и можност Бугарија да ја отвори вратата за почетокот на преговорите за членство.
СРБИЈА - Во Србија во последните 24 часа се потврдени 19.901 случај на Ковид-19, што претставува највисок број на заболени за еден ден од почетокот на пандемијата. Како последица на вирусот починале 34 лица. На болничко лекување се 3.114 лица, а на респиратори се 131 пациент.
РУСИЈА - Русија ги започна воените вежби во близина на Украина во кои учествуваат илјадници војници и десетици воени авиони.
ИРАН / ФРАНЦИЈА - Францускиот турист Бенџамин Бриер, кој од пролетта минатата година е приведен во Иран под обвинение за шпионирање, е осуден на осум години затвор од страна на иранскиот суд, пренесуваат француските медиуми.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Лондонската полиција започна истрага за забавите во резиденцијата на премиерот Борис Џонсон и во владините оддели за време на заклучувањето поради ковид пандемијата.
МАКЕДОНИЈА - Почина композиторот и диригент, маестро Александар Џамбазов на 85 годишна возраст. Зад него остави голем творечки опус награден со голем број признанија.