Руската амбасада во земјава денеска соопшти дека со изненадување се запознале со изјавите дадени последниве денови од министерката за одбрана Славјанка Петровска. Реакцијата, како што појаснуваат од амбасадата, се однесува на изјавите на Петровска за „поставувањето на вооружените сили од страна на Руската Федерација што е провокативно и има дестабилизирачко дејствување“ (интервју за ТВ24 од 23 јануари) и „изготвување на анализи за можностите за потенцијално учество“ на Армијата на РСМ во случај на „руската инвазија на Украина“ (интервју за ТВ Телма од 24 јануари).
„Го обрнуваме вниманието на апсолутно јасните изјави на руското раководство- Русија никогаш никаде не му се заканувала на украинскиот народ и нема намера да презема никакви агресивни дејствија. Со други зборови, нема да извршиме напад, инвазија или да ја погодиме Украина. Во однос на руските трупи- тие се движат низ сопствената територија и имаат целосно право на тоа“, наведуваат од амбасадата на нивната официјална страна на Фејсбук.
Што се однесува до Украина, како што се посочува во соопштението, Киев продолжува тврдоглаво да ги избегнува своите обврски од Договорите од Минск, кои вклучуваат, особено, воспоставување директен дијалог со Донецк и Луганск и внесување во Уставот посебен статус на Донбас.
„Доследно и целосно спроведување на „Пакетот мерки“ од Минск од 2015 година како безалтернативна основа за разрешување е неопходен услов за решавање на внатреукраинската криза. Го гледаме ризикот дека Украина ќе стане поинтегрирана во НАТО, дури и без да добие формален статус на членка на алијансата. Тоа е она што директно влијае на безбедносните интереси на Русија. Постигнувањето на пресврт во оваа ситуација е во фокусот на нашето внимание. Ова е основата на нашите предлози за обезбедување цврсти, правно обврзувачки гаранции за безбедност од страна на САД и НАТО“, посочуваат од амбасадата.
Од руската амбасада воедно изразуваат надеж дека Петровска, како што порачуваат, ќе ја земе предвид реалната состојба при поставувањето на приоритетите за работата на министерството на чело со неа.
Петровска изјави дека земјава во целост го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и дека институциите ги следат случувањата во и околу Украина поврзани со поставувањето на вооружените сили од страна на Руската федерација долж границата.
„Поставувањето на вооружените сили од страна на Русија е провокативно и дестабилизирачко дејствување што ја намалува безбедноста на европскиот континент“, рече Петровска и додаде дека токму стабилноста на Европа треба да биде целта на сите“ изјави Петровска во дневникот на ТВ24.
Таа додаде дека земјава ги поддржува напорите на НАТО и ОБСЕ за надминување на тензичната ситуација.
Западот презема чекори за да се спротивстави на руското засилување од околу 100.000 или повеќе војници во близина на границата со Украина. Соединетите држави и НАТО претходно му порачаа на рускиот претседател Владимир Путин да се повлече од границите на Украина, предупредувајќи дека рускиот напад ќе предизвика штетни економски санкции, како и засилено присуство на НАТО во Источна Европа.