Радев со Ковачевски разговарал за впишувањето на македонските Бугари во Уставот

Macedonia- Prime Minister Dimitar Kovachevski meets with Bulgarian President Rumen Radev

Бугарскиот претседател Румен Радев пред премиерот Димитар Ковачевски изразил очекување за зголемена доверба меѓу Софија и Скопје за да се олесни работата за нерешените политички прашања, кои го попречуваат почетокот на преговорите на Северна Македонија за членство во Европската Унија, соопшти неговиот кабинет. Радев, како што се наведува во соопштението, порачал дека впишувањето на македонските Бугари во Уставот на Северна Македонија, гарантирањето на нивната рамноправност, со другите народи во земјата, ќе даде поттик и можност Бугарија да ја отвори вратата за почетокот на преговорите за членство.

„Заедно со тие механизми, кои ги разгледувавме и претходно во пакетот 5+1, веќе 4+1, ќе имаме неповратност и јасни механизми, кои ќе гарантираат и отстранување на јазикот на омраза од двете страни“, истакна Радев.

Радев, како што се наведува во соопштението, изразил надеж дека ќе има временска рамка со краткорочни задачи кои Скопје и Софија треба да ги решат пред земјата да ни даде „зелено светло“ за почеток на преговори.

Ковачевски, како што соопшти владината прес-служба, изразил задоволство од резултатите на заедничката седница со Владата на Република Бугарија, со што, според соопштението, двете земји започнуваат еден нов процес на соработка со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на добрососедските односи во многу области.

„Ќе се залагаме за дијалог, рекол Ковачевски, со почитување на европските вредности и со почитување на достоинството на македонските граѓани и на граѓаните на Бугарија. Од резултатите и соработката, низ искрен дијалог, се очекува да се создадат услови за поместување во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, во кој Бугарија и нејзиното искуство од петнаесетгодишното членство во ЕУ може да ја преземе улогата на лидер во поддршката за евроинтеграцијата на Северна Македонија“, истакнал премиерот.

Македонскиот Владин тим предводен од Ковачевски е во дводневна посета на Софија, а денеска беше одржана заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“.