Ковачевски до Радев: Ќе се залагаме за дијалог со почитување на достоинството на двата народи

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Софија на средба со бугарскиот претседател Румен Радев.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Софија оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев. На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски изразил надеж дека со конституирањето на највисоките државни институции после изборите, како и новиот состав на Владата во Скопје претстои период на политичка стабилност во двете земји за постигнување напредок во билатералните односи и во отворањето на заедничката европска перспектива на двете земји.

Ковачевски воедно изразил задоволство од резултатите на заедничката седница со Владата на Република Бугарија, со што, според соопштението, двете земји започнуваат еден нов процес на соработка со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на добрососедските односи во многу области.

„Ќе се залагаме за дијалог со почитување на европските вредности и со почитување на достоинството на македонските граѓани и на граѓаните на Бугарија. Од резултатите и соработката, низ искрен дијалог, се очекува да се создадат услови за поместување во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, во кој Бугарија и нејзиното искуство од петнаесетгодишното членство во ЕУ може да ја преземе улогата на лидер во поддршката за евроинтеграцијата на Северна Македонија“, истакнал премиерот.

Во разговорот, како што се наведува, било истакнато дека средбите на високо и највисоко ниво испраќаат силна и јасна порака до јавноста и во таа насока премиерот Ковачевски и претседателот Радев се согласија дека свој придонес во таа насока се очекува и од сите идни средби на највисоко политичко ниво.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски бил придружуван од Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска, вицепремиерка за политики за добро владеење, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Фатмир Бесими, министер за финансии, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, и Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација.

Македонскиот Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски е во дводневна посета на Софија, а денеска беше одржана заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“.