Потпишани неколку билатерални договори на меѓувладината седница во Софија

Премиерите Кирил Петков и Димитар Ковачевски на зедничка седница во Софија на владите на Бугарија и Северна Македонија. 25.01.2022.

Одделни седници денеска одржаа работните групи меѓу Северна Македонија и Бугарија во рамки на заедничката меѓувладина седница во Софија, соопшти прес-службата на македонската Влада.

На меѓувладината седница потпишани се и неколку билатерални договори за соработка, меѓу нив за железничкиот Коридор 8 и за воведување на директна авиолинија.

Денеска македонскиот Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски престојува во официјална посета на Софија каде што се одржа заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Бугарија во резиденцијата „Бојана“. Предвидено е да бидат потпишани неколку билатерални документи.

Од Владата на Северна Македонија информираат дека работната група што ја опфаќа соработката во економијата, енергетиката, финансиите, иновациите, развојот, инвестициите и земјоделството, ја договорила динамиката на работа и заедничката основа за размена на добри практики и искуства за интензивирање на директната соработка во овие области.

Истот така, втората работна група која ги опфаќа транспортот, инфраструктурата, локалната самоуправа и меѓуграничната соработка, соработката во областа на информатиката и комуникациите, ги поставила определбите за работите на Коридорот 8 и поврзувањето со другите патни правци долж границата на двете земји.

„Како приоритет на оваа работа група е поставено воспоставувањето на авионската линија Софија-Скопје и заложбата за поскоро намалување на цената на роамингот меѓу двете држави“, се вели во владиното соопштение.

Во третата работна група се европските интеграции, зелените политики и доброто владеење, а во неа се поставени основите за поддршка и соработка на европските интеграции на Северна Македонија, како и за заедничките иницијативи во проектите опфатени со стратегијата „Зелен договор“ на ЕУ, додоека четвртата во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот, и младите и спортот. Во неа како задача е поставено преземање на чекори од двете страни за изготвување на сеопфатна програма за соработка во овие области.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје кога беше договорено формирањето на работните групи од двете страни кои интензивно треба да работат за надминување на недоразбирањата и интензивирање на соработката меѓу двете земји.

Премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Кирил Петков денеска имаа средба во рамките на официјалната посета на владината делегација на Северна Македонија на Република Бугарија.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата била истакната динамиката со која се реализирала заедничката седница како и почетокот на активностите на работните групи, со што била потврдена заложбата на двајцата премиери да бидат поставени основите за идниот брз напредок на меѓусебните односи.