Русија го стави Навални на листата на „терористи“

Работник префарбува графит на затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални во Санкт Петербург, 28 април 2021 година.

Русија ги додаде затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални и неколку негови сојузници на својата листа на „терористи и екстремисти“, додека владата продолжува со нападите врз граѓанското општество во земјата.

Записите за Навални и за неговите пет соработници: Љубов Собол, Вјачеслав Гимади, Георги Албуров, Лилија Чанишева и Руслан Шаведдинов, денеска се појавија во регистарот на Росфинмониторинг ставајќи ги на исто ниво со десничарските националистички групи и странски терористички организации како што се Талибанците и таканаречената групација Исламска држава.

Потезите го означуваат последниот во тековната акција против сега веќе забранетата политичка мрежа на Навални и пошироко врз граѓанското општество.

Пред неполни две недели, на списокот беа додадени уште двајца блиски соработници на Навални, Леонид Волков и Иван Жданов, што според законот значи дека нивните банкарски сметки мора веднаш да бидат замрзнати.

Во текот на изминатата година, откако Навални се врати од Германија каде што се опоравуваше од нападот со отров од кој за малку ќе го загубеше животот, илјадници демонстранти беа приведени поради учество во протестите за поддршка на Навални, а многумина беа затворени.

Повеќе од половина од неговите политички координатори ја напуштија Русија или беа уапсени поради нивниот активизам, а некои беа ставени на списоци на барани како „терористи“ или „екстремисти“.

Новинарите кои ги истражуваа околностите за труењето на Навални и кои ги цитираа неговите истраги за корупција, беа означени како „странски агенти“.

Минатата година, Московскиот градски суд сите организации поврзани со Навални ги прогласи за екстремистички , спречувајќи ги луѓето поврзани со него или со неговата мрежа на регионални канцеларии низ Русија, да можат да бараат јавни функции.

Пресудата за неговите организации исто така предвидува и можни долги затворски казни за активистите кои соработувале со нив.

Самиот Навални е во затвор од февруари 2021 година, откако му беше брзо судено и му беше изречена затворска казна од 2 ипол години за прекршување на условите од претходното условното ослободување. Неговата пресуда нашироко се смета за измислен, политички мотивиран случај.

Навални го обвини рускиот претседател Владимир Путин за неговото труење со хемиска супстанца во стилот на Новичок. Кремљ негираше каква било улога во труењето на Навални.