Одложено е првото рочиште за случајот против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, поради отсуство на една од обвинетите, Маја Силјановска.
Освен Рашковски и Силјановска, во случајот за нелегална набавка на софтвер и за перење пари се обвинети уште Ивица Димитровски, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Христов и Игор Ивановски. Судскиот процес го води судијата Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.
Следното рочиште е закажано за 24 февруари. Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски денеска во изјава пред Судот рече дека судењето против него ќе биде интересно. Тој вели дека доказите што ги има Обвинителството против него се прибрани на незаконит начин.
„Холивуд да го режира ова, не може вака да го направи“, вели Рашковски.
Тој тврди дека имотот во Побожје е купен на кредит и како што вели на него нема да никне хациенда. За останатиот имот вели дека го имал и пред да стане функционер. Анкетниот лист за времето дур бил на функција се зголемил само со подароците што ги добиле неговите деца за родендени, крштевки и други прослави, а сето друго си го имал и претходно. Дел од имотот препишал и на децата.
Во однос на обвинувањата дека со парите стекнати незаконски отплаќал дел до своите кредити и ставал на картички, Рашковски вели дека не е така. Според него станува збор за пари што ги добивал од службени патувања кои потоа му биле рефундирани и тој ги ставал на своите сметки.
Обвинителството понудило нови докази, за кои смета дека ќе бидат доволни да се потврди она за што го товарат Рашковски.
Според обвинението, Рашковски и уште шест лица ја злоупотребиле службената положба при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и јавни набавки на камери и опрема за препознавање на регистарски таблички, се наведува во соопштението од Основното јавно обвинителство.
Во обвинението стои и дека Рашковски од јуни 2017 до мај 2021 пуштил во оптек пари, околу 87 илјади евра, за кои знаел дека се од кривично дело и тие пари ги распределувал на сопствените сметки и банкарски картички, како и на сметките на своето семејство, а исто така предвреме си ги исплатил и претходно земените кредити. Обвинетите го оштетиле буџетот за над 300 илјади евра.