Изминатава недела за 4,5 проценти се зголемил бројот на позитивни случаи на Ковид-19 во однос на претходната, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во периодот од 17 до 23 јануари регистрирани се 11.610 нови позитивни случаи во 35 градови низ државата, а процентот на позитивност во просек е 29,1 отсто.
Зголемениот број на инфекции дојде од почетокот на годинава откако новата варијанта Омикрон, која е многу позаразна, се прошири скоро во сите делови од светот.
Според податоците на ИЈЗ, пријавени биле 1.559 реинфекции, што е за 25 проценти повеќе во однос на минатата недела, но бројот на смртни случаи бил зголемен за 76.4 отсто. Во однос на тестирањето, бројот е намален за 15,6 отсто.
„Најголем дел од регистрираните случаи 6.045 или 52,6 отсто се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Крушево, односно 1.127,9 позитивни лица на 100.000 жители“, наведуваат од ИЈЗ.
Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи, а најзастапени се од 30 до 39 години, а најмала бројка има од 0 до 9 години.
Истиот периот минатата недела оздравеле 7.627 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Најголем број, односно 87,6 отсто од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, се вели во извештајот на ИЈЗ.
Од почетокот на вакцинацијата вкупно се вакцинирани 864.759 лица со барем една доза на вакцина против КОВИД-19. Комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 841.143 лица, а со трета доза се вакцинирани 122.752 лица.