Османи и советникот во Стејт департментот Чолет разговарале за Украина

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска телефонски разговараше со Дерек Чолет, советник на Стејт департментот на САД.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска телефонски разговараше со Дерек Чолет, советник на Стејт департментот на САД, соопшти македонското МНР. Тие разговарале за актуелната безбедносна состојба во Европа и актуелните случувања во и околу Украина.

„Беше изразена заемна поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, повлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права. Воедно, ја истакнаа значајноста од заеднички пристап кон актуелните безбедносни предизвици и упатија повик за деескалација на состојбите во интерес на европската сигурност. Во тој контекст, ги поздравија напорите на меѓународните партнери и заложбите во рамки на НАТО и ОБСЕ за смирување на состојбите и зачувување на мирот“, стои во соопштението од МНР.

Во рамки на телефонскиот разговор станало збор и за билатералните односи.

Претходно министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека Република Северна Македонија во целост го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Таа рече дека институциите ги следат случувањата во и околу Украина поврзани со поставувањето на вооружените сили од страна на Руската федерација долж границата.
Украина и Западот се загрижени поради руското распоредување на над 100 илјади војници во близина на границата со Украина, што го зголемува стравувањето од руски упад на украинска територија.