Косово може да ја преиспита одлуката за влез со три дози вакцина

Граничниот премин Блаце на македонско-косовската граница.

Неделава можно е косовските власти да ја преиспитаат одлуката за влез во нивната држава задолжително да се бара сертификат за примени три дози вакцина против ковид или две дози плус ПЦР тест не постар од 48 часа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Министерството за здравство на Косово на официјалната Фејсбук страница напиша дека евентуалната промена на одлуката, која е во сила од саботата – 22 јануари, ќе зависи од развојот на епидемилошката состојба и бројот на новозаболени од ковид-19.

Одлуката на косовската Влада за заострување на анти-ковид мерките, посебно обврската за потврда за примени три вакцини за влез во државата, предизвика реакции, како во земјата, така и во соседните држави.

По наглото зголемување на бројот на заболени од ковид-19, косовската Влада во петокот донесе нови мерки за спречување на ширењето на пандемијата, според кои, меѓу другото, од саботата за влез во државата е потребно да се приложи потврда за примени три дози вакцини, или две вакцини и негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа.

Од обврската за приложување сертификати за вакцинација при влез во Косово се ослободени лицата кои патуваат транзитно, странските дипломати, децата до 12-годишна возраст и лицата кои имаат лекарска потврда дека се ослободени од вакцинација.

Косовските државјани кои немаат примено две вакцини, по враќањето во земјата ќе треба да подлегнат на седумдневен карантин во своите домови. На сите вработени во јавните институции ќе им се бара сертификат за примени најмалку две дози.

Последните денови во Косово имаше нагло зголемување на дневните бројки на заразени, така што само во последните 24 часа беа регистрирани 2.243 нови случаи, односно над 25 отсто од тестираните. Официјалната бројка на активни заболени во земјата, од околу 700, колку што изнесуваше пред петнаесетина дена, вчера достигна до 19.519, додека медицинските експерти очекуваат задржување на негативниот тренд и во наредниот период.