Македонската делегација пречекана во Софија

Кирил Петков и Димитар Ковачевски во Софија.

Со највисоки државни почести денеска во Софија беше пречекана македонската владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Делегацијата ја пречека бугарскиот премиер Кирил Петков, а потоа со Ковачевски положија венци пред Споменикот на непознатиот војник, јави известувачот на МИА од Софија.

За утре наутро е закажана заедничката седница на владите на двете земји, која ќе се одржи во резиденцијата „Бојана“. На седницата воведно обраќање ќе имаат двајцата премиери, Ковачевски и Петков, по што ќе почнат разговорите, откако Скопје и Софија, претходни ги формираа работните групи со кои треба да се интензивира соработката во периодот што претстои.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје.

Двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование.
Премиерите најавуваа пет работни групи, петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но не прецизираа дали ќе остане да работи во сегашниот формат.

Министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска денеска на средбата во Софија изразија задоволство од интензивирањето на дијалогот во последните недели, како и уверување дека претстојната седница меѓу владите ќе придонесе за продлабочување на позитивната динамика во односите, соопшти македонското МНР.