Основното јавно обвинителство сооопшти дека го добило преведениот извештај од истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница во кој загинаа 14 лица направен од експертите и истражителите од Сојузната криминалистичка полиција од Германија. Оттаму велат дека сега петте обвинители кои работат на предметот го разгледуваат извештајот со цел да утврдат дали и што ќе се преземе во насока на понатамошна постапка.
„Извештајот од германските експерти е преведен и доставен до Основното јавно обвинителство Тетово. Надлежните обвинители го разгледуваат, а наводите ќе бидат споредени со другите прибрани докази во предметот. Во предметот обвинителството постапува ажурно и темелно со цел во детали да се утврдат сите факти за несреќата. Во зависност од тоа што ќе биде утврдено, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошното постапување во предметот“, информираат од Служба за односи со јавноста при ЈОРМ.
Пожарот во модуларната болница се случи на 8 септември 2021. Во истрагата учествуваа и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција од Германија, а нивниот извештај од седум страници до ОЈО Тетово стигнал на 14 јануари. Извештајот беше на германски јазик и досега се чекаше негов соодветен превод.
Обвинителството во октомври, минатата година објави дека според вештачењето на МВР пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.