Министерот за надворешни работи Бујар Османи во пресрет на денешната посета на владиниот тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски на Софија изјави дека резултати се очекуваат и од Северна Македонија и од Бугарија. Тој во интервју за бТВ порача дека посетата на Петков во Скопје на 18 јануари на првиот работен ден на новата македонска Влада носи симболика и суштина.
„Симболиката е дека ние сме најблиски соседи, но суштината е дека во позитивна, конструктивна атмосфера, во атмосфера на лична доверба, создадена е платформа за продолжување на разговорите“, објасни Османи.
Според него, патната врска меѓу двете земји не може да биде обврска само на Северна Македонија и информира дека граничниот премин Клепало од македонска страна е завршен, а се очекува бугарската страна да го заврши својот дел.
Во однос на работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, Османи посочи дека земјава досега сменила двајца челнови на ова тело и дека Софија можеби би требало да го искористи нашето искуство.
„И двете држави имаат интерес комисијата да биде продуктивна“, додаде шефот на дипломатијата.
Османи истакна дека не гледа ништо проблематично во вклучувањето на македонските Бугари во Уставот на државата. Тој додаде и дека е во план во првите недели од мандатот новата Влада да донесе одлука и да испрати амбасадор во Софија.
„Се уште немаме утврдено име, но имаме идеи и размислувања на темата, се надевам дека во наредните денови јас како министер ќе дадам предлог“, додаде Османи.
Запрашан за „рехабилитација на македонските Бугари жртви од југословенскиот режим“, Османи вели дека во 2006 година Собранието усвоила Декларација со извинување до семејствата на жртвите од комунизмот. Тој рече дека Скопје сега е подготвено да ги реализира практичните аспекти на Декларацијата, како пристап до архивите и потоа отворање поединечни случаи, се додека има потреба да се разговара за нив, па дури и да се процесуираат доколку постои законска можност за тоа.
Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски од денеска ќе биде во дводневна посета на Софија. Владината делегација официјално ќе биде пречекана од бугарскиот премиер Кирил Петков попладне во 16 часот на плоштадот „Св. Александар Невски“. Двајцата премиери ќе положат венци пред Споменикот на непознатиот војник. Утре ќе се одржи заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“ со воведно обраќање на премиерите Петков и Ковачевски.