Протести против формирање малцинска влада во Подгорица

Министрите во Владата на Црна Гора Јаков Милатовиќ, Милојко Спајиќ и Весна Братиќ на протестна прошетка во Подгорица поради можното формирање малцинска влада

Дел од министрите во Владата на Црна Гора се приклучија на синоќешните протести на граѓаните кои се против најавеното формирање малцинска влада предложена од актуелниот вицепремиер и лидер на Граѓанското движење УРА Дритан Абазовиќ. Во Собранието на Црна Гора на 4 февруари е закажано гласање за недоверба на актуелната Влада. Од поднесувањето на иницијативата на 19 јануари за изгласување недоверба на Владата на Здравко Кривокапиќ, во Подгорица и во неколку други градови се одржуваат едночасовни вечерни протести на кои присуствуваа неколку стотици граѓани, но чии организатори не ги идентификуваа самите себе.

Абазовиќ: Правиме влада на помирување, сите се добредојдени

Демонстрантите се противат на можноста идната влада да биде поддржана од опозициската Демократска партија на социјалистите Мило Ѓукановиќ. На собирот пред Јавниот сервис на радио-телевизија на Црна Гора на 21 јануари, насобраните го навредуваа вицепремиерот Дритан Абазовиќ, кој дојде да се појави во телевизиската емисија. Навредите врз национална основа предизвикаа и бројни реакции кај невладиниот сектор и дел од политичките партии. Протестите беа поддржани со присуство на Демократска Црна Гора и претставници на помалите партии од Демократскиот фронт.