Попладнево избувна силен пожар во капацитетот за мелнички и пекарски производи „Жито Битола“ во Битола. Засега нема извештаи за евентуални жртви.
Од Битолската пожарна соопштија дека се работи за голем пожар и на терен во гаснењето е вклучен целиот нивен потенцијал, односно седум возила и дваесетина пожарникари.
Од МВР информираа дека досега нема пријава за повредени во пожарот.
„На 23.01.2022 во 17.20 часот во СВР Битола било пријавено дека има пожар во фабрика за леб лоцирана во индустрискиот дел на Битола. Веднаш се упатени екипи на територијалната противпожарна единица Битола и полициски службеници и се преземаат мерки за гасење на пожарот. Досега нема пријава за повредени лица“, велат од МВР за пожарот.
Засега не се знае како избувнал пожарот. „Жито Битола“ се наоѓа на периферија на градот, внатре има млин со брашно, пекара и силоси.