Ковачевски: Најмалку 50 проценти повисока дневница за оние кои работат во недела

Премиерот Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски кој денеска ја посети компанијата „Дура Аутомотив Системс“ изјави дека денешната посета на оваа компанија е одлична можност да се види како изгледа примената на законското решение Недела-неработен ден.

„Вработените на оваа компанија, која заради сложениот производствен процес мора да работи и во недела, добиваат дополнителни 50% од основната дневница. Со тоа просечната плата на оние вработени кои работат во недела во оваа компанија порасна“, рече премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека трудот на работниците мора соодветно да се вреднува и почитува и дека овој закон има многу позитивен ефект врз економијата, бидејќи ги стимулира работниците и позитивно влијае на нивната продуктивност што е во интерес и на самите компании.

„Законот недела неработен ден ќе даде одлични резултати во зголемување на продуктивноста на компаниите и унапредување на стопанството“, истакна Ковачевски.

Измените на Законот за работни односи, кои ја дефинираат недела како неработен ден за 92 проценти од работниците, стапи во сила на 2 јануари.

За останатите, кои ќе работат во недела, измените предвидуваат за најмалку 50 проценти поголема дневница и слободен ден за работниците, кои се дел од дејностите неопходни за функционирање на општеството, дејности во кои работниот процес не смее или не може да биде запрен, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за оние што ќе работат во несуштинските дејности на кои ќе им биде дозволено да работат.

Работодавачите кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена.