Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја обвини Германија дека го „поткопува единството“ и го „охрабрува Владимир Путин“ со тоа што одбива да испорача оружје на Киев поради зголемените стравувања од можна руска инвазија.
Кулеба на Твитер напиша дека „неодамнешните изјави на Германија за неможноста да се пренесе одбранбено оружје во Украина, не соодветствуваат на нивото на нашите односи и актуелната безбедносна ситуација“.
Додека Кулеба рече дека Киев е благодарен на Берлин за неговата поддршка од 2014 година, кога Русија го нападна и анектираше украинскиот полуостров Крим и почна да ги поддржува сепаратистичките борци на истокот на Украина, „моменталните изјави на Германија се разочарувачки и се во спротивност со оваа поддршка и напори“.
Во меѓувреме, германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт во интервју за весникот „Ди велт“ изјави дека Берлин ќе постави теренска болница во Украина во февруари, но ја отфрли можноста за испорака на оружје.
„Испораките на оружје не би биле корисни во моментот, за тоа треба консензус во федералната влада“, рече Ламбрех.
Со околу 127.000 руски војници распоредени долж нејзините граници, Украина побара од Германија да обезбеди шлемови и заштитни елеци, истовремено барајќи од Берлин да ја преиспита својата позиција за испораката на оружје.