Во Украина стигна воена помош од Соединетите Држави

илустрација

Првата пратка од американскиот пакет безбедносна поддршка за Украина, во вредност од 200 милиони долари, пристигна во Киев, соопшти Амбасадата на Соединетите Држави во Украина.

Испораката дојде по посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Киев оваа недела поради загриженоста за десетиците илјади руски војници распоредени на границата со Украина, иако Русија негира дека планира нова воена офанзива, пренесува Ројтерс.

„Соединетите Држави ќе продолжат да обезбедуваат таква помош за поддршка на украинските вооружени сили во нивните тековни напори за одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина од руската агресија“, пишува на Фејсбук страницата на амбасадата.

Министерот за одбрана на Украина им се заблагодари на САД за помошта.

Прес-службата на американската амбасада во Киев објави дека САД минатата година и дале воена помош на Украина во вредност од над 650 милиони долари, а за тие цели од 2014 година се потрошени 2,7 милијарди долари.

Во соопштението се наведува дека овој потег „ја демонстрира посветеноста на САД да и помогне на Украина да ги зајакне нејзините одбранбени капацитети против растечката руска агресија“.