Третата доза против ковид 19 штити од хоспитализација

илустрација

Три американски студии покажуваат дека третата доза од вакцината против ковид 19 обезбедува 90 проценти заштита од хоспитализација, соопшти американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Студиите сугерираат дека бустерите од вакцините на Фајзер/Бионтек и Модерна штитат и од инфекции и од потешка форма на болеста.

Вестите за студиите доаѓаат откога некои земји во Европа ја повторија препораката за примање трета доза и додека здравствените истражувачи во Британија испитуваат подсој на варијантата на омикрон.

Официјални лица на Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA) велат дека варијантата што ја истражуваат е позната како BA.2, и е пријавена во 40 земји.

Првичната анализа направена од Данскиот институт не покажала разлика во бројот на хоспитализирани од новиот сој во однос на преходните хоспитализации. Во меѓувреме, Ирска денеска ги укина повеќето ограничувања, што значи дека пабовите, баровите и рестораните можат да работат нормално наместо да се затвораат во раните вечерни часови. Бразилските градови Рио де Жанеиро и Сао Паоло пак ги одложија карневалските паради од крајот на следниот месец до април поради напливот на новоинфицирани од ковид 19.