Балтичките држави ќе испратат оружје во Украина

Естонија ќе испрати противоклопни ракети, а Латвија и Литванија ќе испратат против-воздушни ракети

Естонија, Летонија и Литванија најавија дека ќе и обезбедат на Украина противоклопни и против-воздушни ракети за да и помогнат на земјата во случај на можна руска инвазија. Трите балтички земји и нивните сојузиници во НАТО го објавија планот во денешната заедничка изјава.

„Земајќи го предвид зголемениот воен притисок на Русија во и околу Украина, балтичките земји одлучија да одговорат на украинските потреби и да обезбедат дополнителна помош поврзана со одбраната“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека оваа помош дополнително ќе ја подобри способноста на Украина да ја брани својата територија и население во случај на можна руска агресија. Ројтерс, цитирајќи три извори запознаени со ситуацијата, објави дека трите балтички држави добиле дозвола за трансфер на оружје претходно оваа недела од Соединетите држави. Естонија ќе испрати противоклопни ракети, а Латвија и Литванија ќе испратат против-воздушни ракети.

Овој потег доаѓа кога односите меѓу Москва и Вашингтон и неговите сојузници се на ниска точка. Соединетите Држави и НАТО предупредија дека зголеменото масовно трупање на повеќе од 100.000 војници во близина на границите на Украина е можен вовед во инвазија.

Москва, која негира дека сака да ја нападне Украина како што го стори тоа во 2014 година, побара гаранции дека НАТО нема да дозволи поранешните советски држави како Украина да влезат во западниот воен сојуз. Вашингтон и НАТО водеа разговори со Русија, но дипломатските напори досега не успеаја да ги одмрзнат тензиите.