САД, Британија и Германија демантираат дека ги финансирале протестите во Србија

Српските граѓани протестираа против рудникот Рио Тинто од ноември лани

Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и Германија денеска ги отфрлија обвинувањата дека трите земји ги финансирале протестите протестите во Србија. Амбасадите на сојузничките земји објавија заедничко соопштение во кое обвинувањата се опишани како „штетни“.

„Ние безрезервно ги отфрламе сугестиите дека нашите држави, или организациите преку кои обезбедуваме техничка помош и поддршка, финансираат или насочуваат дејствија против српската влада или каква било политика што таа ја спроведува, вклучително и протести“, се вели во заедничката изјава на амбасадите во Србија.

Трите земји оценуваат дека ова е штетно и тешко разбирливо обвинување, особено, како што наведоа, кога станува збор за организации кои со години ја поддржуваат Владата на Србија и Собранието и со нив работат на реформите и развојот на демократски институции.

„САД, Обединетото Кралство и Германија се меѓу најсигурните партнери и пријатели на Србија од почетокот на процесот на демократска транзиција, обезбедувајќи финансиска помош од повеќе од три милијарди евра“, се вели во соопштението.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ вчера рече дека Владата на Србија ја прекинала соработката со Рио Тинто, кој го предводеше проектот „Јадар“ за експлоатација на литиум во Србија, поради барања на граѓани и неколку еколошки организации, но и поради нетранспарентноста и лошата комуникација.компанијата. На прес-конференција во Белград за прекинот на соработката со Рио Тинто Брнабиќ рече дека некои меѓународни организации од САД, Велика Британија и Германија финансираат еколошки протести во Србија, наведувајќи ги Фондацијата Рокфелер, УСАИД, Фондот отворено општество, Националната фондација за демократија, Вестминстер фондацијатс за демократија и Британскиот совет.

Еколошките организации поддржани од граѓаните кои се против експлоатација на литиум во Србија од ноември протестираат и го блокираат сообраќајот низ земјата, барајќи од владата да ја укине уредбата за просторниот план што предвидува реализација на проектот за рударство Јадар и бараа објавување на документите потпишани со Рио Тинто.