Премиерот Димитар Ковачевски попладневно имал телефонски разговор со Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен која ја инфомирал дека европските интеграции остануваат еден од врвните приоритети на новата Влада, информираат од владината прес служба.
„Во телефонскиот разговор стана збор и за неодамнешната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје, што заеднички ја оценија како позитивен чекор во надминување на разликите, и го поздравија фокусот во проекти и активности кои се важни за иднината.Премиерот Ковачевски ги реафирмираше уште еднаш македонските позиции, за македонскиот јазик и идентитет“, наведуваат од Владата.
Од таму додаваат дека претседателката на ЕК Лајен го поздравила воспоставениот дијалог на ниво на премиери меѓу двете земји и истакнала дека Брисел силно го поддржува овој процес и дека таа лично, но и целата Комисија се спремни да помогнат со цел што побрзо оддржување на првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија.
Бугарскиот премиер Петков неделава беше во Скопје, а по средбата со Ковачевски најавија нов пристап во преговорите меѓу двете земји за решение на проблемите поради кои Софија ги блокира македонските европски интеграции. Идната недела македонската влада ќе замине во Бугарија на заедничка седница со бугарската влада.