Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа извршил увид на местото на тешка сообраќајна несреќа во близина на трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, во која животот го загуби едно лице, а уште едно беше повредено, информираат од обвинителството.
„Според првичните сознанија, до несреќата дошло кога патнички автомобил „Цитроен Ц4“, управуван од лице на возраст од 22 години, удрил во двајца пешаци, девојка и момче на возраст од по 24 години, кои поминувале преку улицата. Од здобиените повреди, оштетената починала на лице место, додека другиот пешак е повреден и пренесен во болница“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Од институцијата информираат дека по наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот веднаш по несреќата е приведен и се наоѓа во полициска станица. Во меѓувреме јавниот обвинител издал наредба за обдукција на телото на починатата, а наредено е и вештачење на примероци од крв и урина од возачот на автомобилот за да се утврди дали управувал со возилото под дејство на алкохол или други недозволени супстанции. Обвинителството издало и наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот на местото каде се случи несреќата.