Официјален Букурешт денеска го оцени како неприфатливо барањето на Русија за повлекување на странските трупи на НАТО присутни на романска територија во рамките на договорот што Москва го бара за да започне деескалација на украинската криза.
„Таквото барање е неприфатливо и не може да биде дел од предмет на преговори“, се вели во соопштението на романското МНР.
Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, даде изјава пред Националното собрание. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков нагласил дека неговата земја сама одлучува каква политика ќе води во рамките на членството во НАТО. Договорот од Вашингтон не предвидува втора категорија на земји-членки за кои колективната одбрана е селективна или ограничена, рече Петков, кој ја повика Руската Федерација да остане посветена на конструктивен дијалог за деескалаија на тензиите и да работи за побезбедна Европа врз основа на владеење на правото и строго спроведување на меѓународните правни обврски.
Руското Министерство за надворешни работи претходно повика на повлекување на странските трупи на НАТО од двете земји-членки, Бугарија и Романија, велејќи дека е потребно „повлекување на странските сили, опрема и оружје“, како и други мерки за враќање на ситуацијата од пред 1997 година во земјите кои тогаш не беа членки на НАТО.