Шефовите на дипломатиите на САД и на Русија одржаа уште една рунда разговори во Женева, постигнувајќи само мал напредок во обидот да се смират повеќенеделните тензии поради загриженоста дека Русија ќе ја нападне Украина и покрај предупредувањата од Западот дека ќе сноси тешки последици за тоа.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска разговараа околу 90 минути во обид да спречат можна војна во Европа. Москва бара отстапки од НАТО во односите со Украина.
Во изјавата по завршувањето на средбата, Лавров рече дека се надева дека „емоциите ќе се намалат“ по „искрените“ разговори со САД кои беа „отворени“ и „корисни“, иако немаше напредок во разговорите кои треба да ги премостат длабоките несогласувања меѓу Москва и Западот.
Блинкен, пак, предупреди на „обединет, брз и остар“ одговор доколку Русија навистина ја нападне Украина, но нагласи дека Вашингтон останува отворен за изнаоѓање дипломатско решение за кризата. Блинкен треба да одржи брифинг со новинарите после Лавров.
Се проценува дека Русија има распоредено 127 илјади војници во близина на границата со Украина и во окупираниот Крим, што ги зголеми западните стравувања дека Москва подготвува воена акција против Украина.
Москва негира дека планира инвазија, но бара гаранции дека НАТО нема да се проширува во Украина и во другите поранешни советски републики.
Русија го анектираше Кримскиот Полуостров од Украина во 2014 година и ги поддржува сепаратистите во конфликтот во источна Украина, во кој од 2014 година загинаа над 13 илјади луѓе.