Владата ќе префрли шест милиони евра на сметката на АД ЕСМ за да го преземе управувањето, дистрибуцијата, снабдувањето и производството на топлинска енергија за град Скопје за целата грејна сезона од моменталниот носител на лиценцата БЕГ, потврди денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Овие средства, како што кажа Бектеши при денешната посета на Општина Сарај, ќе се користат и во делот на плаќањето на разликата од реалната и постојната цена на топлинска енергија за цела 2022 година.
Прашан дали само шест милиони евра ќе бидат доволни за целата грејна сезона, Бектеши рече дека таквите проекции се направени од страна на ЕСМ, Регулаторната комисија за енергетика и раководството на ЕСМ – Енергетика, која произведува топлинска енергија, согласно постојните цени и берзанските цени на природниот гас за јануари.
Тој рече дека со оглед на движењето на цените на гасот, таа сума може да биде и помала.
АД ЕСМ го презеде работењето со БЕГ до завршувањето на кризата со снабдување со топлинска енергија, откако компанијата за снабдување со топлинска енергија побара државата да го преземе управувањето оти немаат пари за набавка на гас.