Токаев - Јазот меѓу богатите и сиромашните ги предизвика протестите

Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев.

Неприфатливиот јаз меѓу богатите и сиромашните доведе до смртоносните антивладини протести во Казахстан, рече денеска претседателот на оваа земја, Касим-Жомарт Токаев.

Токаев денеска зборуваше со претставниците на водечките бизниси во земјата која е богата со нафта. Тој рече дека се потребни „вистински реформи“ и „длабока трансформација на општествените структури“ за да се решат проблемите што ги изнесоа некои од демонстрантите на протестите на почетокот на јануари.

„Со корупцијата, која е добро позната, разликите во приходите играа улога на запален кибрит во близина на буре барут и ситуацијата ја искористија терористи, вооружени лица и нарачателите кои стојат зад нив“, рече Токаев.

Тој вели дека веќе донел тешко одлуки и дека допрва ќе се носат такви одлуки во иднина.

На почетокот на јануари низ земјата се проширија протести поради ненадејното зголемување на цената на горивото. Тие доведоа до насилни судири во најголемиот град во земјата, Алмати, и на други места.

Голем дел од гневот на демонстрантите беше насочен кон поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев, кој владееше со Казахстан од 1989 година пред да ја предаде власта, но сепак широко беше прифатено мислењето дека тој ја задржува контролата зад сцената.

Во својата прва јавна критика на Назарбаев, Токаев минатата недела рече дека под водство на неговиот претходник во Казахстан се појавиле многу профитабилни бизниси и исклучително богати луѓе и дека сега е време обичните луѓе да го добијат она што го заслужуваат.

Во меѓувреме, се поголем број блиски роднини на Назарбаев ги загубија своите службени позиции, што укажува на тоа дека владата се обидува да се справи со членовите на поширокото семејство на поранешниот претседател. Еден од најблиските соработници на Назарбаев, шефот на Комитетот за национална безбедност на земјата, Карим Масимов и неговите двајца заменици беа уапсени под обвинение за велепредавство.

Казахстанските власти соопштија дека за време на немирите на почетокот на јануари биле убиени 227 луѓе, вклучително и 19 службеници за спроведување на законот, а 12 илјади луѓе други биле приведени.

Групите за човекови права, пак, велат дека бројот може да биде многу поголем и дека голем број луѓе се водат како исчезнати.