Пакистан ги зголеми анти-ковид мерките по растот на бројот на заразени предизвикан од новата позаразна варијанта омикрон.
Денеска, пакистанските власти пријавија дека во изминатите 24 часа има 7.678 случаи на заразени со ковид, што е највисок дневен број на заразени од почетокот на пандемијата. Во последните 24 часа биле пријавени и 23 смртни случаи. Се зголемува и бројот на хоспитализирани. Според тамошните експерти за заразни болести тековната свадбена сезона е виновна за брзото ширење на коронавирусот.
Властите забранија да се јаде во затворени простории во местата каде стапката на заразеност е над 10 отсто.
Владата одобри „бустер“ доза вакцини за граѓаните постари од 30 години во Пакистан, каде што речиси една третина од населението привило две дози вакцина.
Вакцинирањето на децата над 12 години е задолжително за посетување на училиштата.
Во Токио и во десетина други области низ Јапонија, рестораните и баровите ќе се затвораат рано почнувајќи од 21 јануари, поради зголемениот број на инфекции. Овие рестрикции се први од септември наваму и предвидено е да траат до 13 февруари.
Со мерките е опфатена една третина од земјата.
Во Европа, Полска бележи рекорд од 36.665 нови дневни инфекции со ковид-19, рече заменик-министерот за здравство Валдемар Краска пред објавувањето на официјалните бројки. Тој вели дека во следните денови ќе има и на 50 илјади ново заразени дневно.