Иран, Русија и Кина ќе одржат заеднички поморски вежби

заеднички вежби на Иран, Русија и Кина

Иран, Русија и Кина денеска одржуваат заеднички поморски вежби на северот на Индискиот океан, објавија иранските медиуми, наведувајќи дека трите земји се здружуваат соочени со зголемениот притисок од САД и нивните сојузници околу Украина. Портпаролот на војската на иранските вооружени сили изјави за полуофицијалната новинска агенција ИСНА дека целта на вежбите е „да се зајакне безбедноста во регионот“. Маневрите, наречени 2022 Marine Security Belt, ќе бидат трети заеднички поморски вежби меѓу трите земји од 2019 година и ќе продолжат во иднина, изјави портпаролот Мостафа Тајолдин. Откако дојде на функцијата во јуни 2021 година, тврдокорниот ирански претседател Ебрахим Раиси води политика за продлабочување на врските и со Москва и со Пекинг.

Во Москва разговори меѓу претседателите на Русија и на Иран


Русија, Иран и Кина се под санкции наметнати од Запад поради различни прашања, вклучувајќи ги заканите на Русија за територијалниот интегритет на Украина, кршењето на човековите права во Кина и иранската нуклеарна програма. По средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва на 19 јануари, Раиси рече дека Иран „нема граници за проширување на врските со Русија“, додека рускиот лидер ја пофали „блиската соработка“ на земјите на меѓународната сцена.