САД денеска воведува санкции за четворица Украинци обвинети дека работеле со руската тајна служба (ФСБ), соопшти денеска американското Министерство за финансии, нагласувајќи ги нивните „дестабилизирачките активности“ во Украина.
Двајца од санкционираните Украинци се актуелни пратеници во украинскиот парламент.
Пратениците Тарас Козак и Олег Волошин се обвинети дека руското ФСБ ги задолжило да регрутираат поранешни и сегашни државни функционери да се подготват за преземање контрола врз украинската влада и да ја контролораат инфраструктурата во земјата со руските окупациски сили, соопшти американското Министерство за финансии.
Тие се пратеници од партијата на тајкунот Виктор Медведчук, која има пријателски ставови кон Русија. Медведчук, кој веќе е на американската листа на санкции, одржува блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.
Министерството наведе дека САД ќе продолжат да преземаат вакви мерки и во партнерство во украинската влада да ги идентификува, открие и спречи руските напори за дестабилизација на земјата.
Во соопштението се додава дека денеска воведените санкции се одвоени од широките мерки кои САД и нивните сојузници се спремни да ги воведат за да ѝ нанесат значајни трошоци на руската економија и финансиски систем доколку Русија би извршила инвазија врз Украина.
Русија собра околу 100 илјади војници во близина на украинската граница, а Западот стравува дека Москва подготвува инвазија на Украина.
Русија ги негира обвинувањата и бара гаранции дека НАТО нема веќе да се шири на Исток и оти Украина никогаш нема да стане членка на Алијансата.