Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска биле откриени 60 неисправни возила со кои се врши јавен превоз низ Македонија. Контролите се извршени во рамки на оперативната акција „Дозвола“, а неисправните возила се исклучени од сообраќај.
„Контролирани се 576 автобуси и други возила со кои се врши јавен превоз, а неисправност е утврдена кај 60 возила. Од нив 21 на територија на СВР Тетово, 11 на територија на СВР Штип, девет на територија на СВР Струмица, осум на територија на СВР Скопје… Од овие 60 возила, кај 42 е утврден неисправен уред за запирање, кај пет неисправен уред за управување“, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Од страна на инспектори на Државен инспекторат за патен сообраќај и инспектори од единиците на локална самоуправа, кои исто така учествуваа во акциската контрола, преземени се 18 мерки поради вршење на јавен превоз без лиценца.
„Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, рече Ангеловски.