Лекарот Ивајло Иванов кој има ординација во бугарското село Ново Село во општина Русе е нападнат во понеделникот од познатиот бугарски противник на вакцините Венцислав Ангелов- Чикаго поради ставена вакцина против Ковид19.
Тој, како што објавува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа, го натепал докторот, а сето тоа го емитувал во живо на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Ангелов, кој во бугарската јавност е познат по теориите на заговор, го натепал докторот поради ставена вакцина против Ковид19 на пациент кој имал операција на срцето, а кој по неколку дена починал. Во ординацијата на докторот Ангелов упаднал заедно со сопругата на починатиот. Повредени се докторот и напаѓачот, кој подоцна е приведен. Нема докази за тврдењето на Венцислав Ангелов. Во вторникот, ден по нападот бугарското Министерство за здравство соопшти дека „во Бугарија не постои докажана причинско-последична врска помеѓу вакцината против Ковид19 и смрт“.
Претседателката на општина Ново Село Мареила Јорданова за бугарскиот сервис РСЕ изјави дека докторот Иванов бил потресен од инцидентот и дека дал изјава во полиција.
„Поради овој случај во моментов нема лекари во неколку села“, рече Јорданова на 18 јануари.
Инцидентот уште еднаш го отвори прашањето за стапката на вакцинирани во Бугарија која е помала од 30 отсто. Земјата во моментов се бори да го спречи петтиот бран на пандемијата. Според официјалните податоци, на 18 јануари Бугарија пријавила рекордни 11.181 новозаразени со вирусот за еден ден. Вкупниот број на заразени надминува 840.000, а бројот на смртни случаи од почетокот на пандемијата е над 32.330.