Иран, Русија и Кина со заеднички воени вежби

Ирански брод за време на заедничките воени вежби на Иран, Русија и Кина во 2019 година

Иран, Русија и Кина ќе одржат заеднички поморски вежби на северот во Индискиот океан на 21 јануари, објавија иранските медиуми. Објавата следува по шпекулациите дека трите земји се здружуваат соочени со зголемениот притисок од САД и нивните сојузници околу Украина и европските безбедносни гаранции.

Портпаролот на иранските вооружени сили изјави за полуофицијалната новинска агенција ИСНА дека целта на вежбите е да се зајакне безбедноста во регионот“. Вежбите се трети заеднички на трите земји од 2019 година и ќе продолжат во иднина, изјави портпаролот Мостафа Тајолдин.

Откако дојде на функцијата во јуни 2021 година, тврдокорниот ирански претседател Ебрахим Раиси води политика за продлабочување на врските и со Москва и со Пекинг. Русија, Иран и Кина се предмет на санкции наметнати од западните земји за различни прашања, вклучувајќи ги заканите на Русија за територијалниот интегритет на Украина, кршењето на човековите права во Кина и иранската нуклеарна програма.

По средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва на 19 јануари, Раиси рече дека Иран „нема граници во проширувањето на врските со Русија“, додека рускиот лидер ја пофали „блиската соработка“ на земјите на меѓународната сцена.

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан беше во посета на Кина минатата недела, за време на која беше објавено дека Пекинг и Техеран почнуваат со 25-годишен договор за соработка за зајакнување на економските и политичките врски.