Османи најавува наскоро предлог за амбасадор во Бугарија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во изјава за бугарската телевизија БТВ најави дека за неколку дена ќе има предлог за амбасадор во Бугарија. Како што јавува дописникот на МИА од Софија, министерот Османи оценил дека е грешка што во текот на овие години Северна Македонија немала амбасадор во Бугарија, но изразил надеж дека во следните денови тоа ќе се случи.

Последниот амбасадор на Северна Македонија во Бугарија беше Марјан Ѓорчев чиј мандат заврши на крајот на март 2020 година. Истата година подоцна Бугарија одлучи да го блокира македонскиот европски пат со тврдење дека Скопје го прекршува Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година. Досега контактот меѓу двете земји го одржуваше специјалниот претставник на македонската влада Владо Бучковски кој од неодамна е разрешен од позицијата.